Седумдесет и четири годишна охриѓанка била измамена од непознато лице при што ѝ биле одземени околу три илјади евра, соопшти денеска СВР Охрид.

Случајот, како што е посочено во соопштението, бил пријавен вчера.

Седумдесет и четиригодишна жителка на Охрид, во СВР Охрид пријави дека околу 13 часот, телефонски добила известување за сообраќајна несреќа во која, наводно, била тешко повредена нејзината ќерка и дека итно ѝ биле потребни пари за помош и исплата на оштета. Според пријавеното, на едно лице кое дошло пред нејзиниот дом, таа му дала околу 3.000 евра, појасни портпаролот Стефан Димоски.

Истиот ден, додаде, во СВР Охрид било пријавено дека повозрасна жителка од охридско село била измамена од едно лице, кое ѝ побарало и добило 300 евра, поради наводен долг на нејзиниот син кој живее во странство.

Секторот за внатрешни работи Охрид апелира до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица и да не наседнуваат на вакви и слични измами, да не им даваат пари на измамниците и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават во најблиската полициска станица или на бесплатниот телефонски број 112, изјави Димоски.

СВР Охрид работи на расчистување на пријавените случаи и пронаоѓање на сторителите по што ќе поднесе соодветни пријави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.