Само два дена по официјалната промоција оштетен е муралот „Василичарска епопеја“ во Вевчани, проект на академските сликари Ангелина Спировска и Владо Муковски, а финансиран од Министерството за култура.

Вандалскиот чин го осуди министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, според која, монументалното дело е израз на почит кон вевчанската традиција, историја и култура и треба да се вреднува како општо национално добро.

Неприфаќањето на уметничкото облагородување на јавен простор, што ја засилува убавината на Вевчани, не користи никому, а уште помалку да е предмет на поделби од каков било вид. Ова вредно и оригинално уметничко дело беше промовирано пред два дена, и е приказ на целата церемонија и приказна на вевчанската вековна традиција, напиша министерката на Фејсбук.

Очекува осуда и од локалната власт и постапување на надлежните органи за откривање на сторителите кои го уништија делото, кое, како што нагласува, е активен придонес во збогатувањето на животот на Вевчани и на посетителите на општина Вевчани.

Осуда стигна и од василичарското друштво „Долна маала“, од каде посочуваат дека со такви чинови нема напредок, ниту соживот, со апел да престане уништувањето на угледот на Вевчани и вевчанската традиција.

Муралот „Вевчанска епопеја“ е инспириран од вековната традиција на Вевчанскиот карневал, а се протега на површина од 25 метри квадратни на објект во центарот во Вевчани. Го раскажува целиот Вевчански карневал, со целата традиција и симболи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.