Со изведување на докази од Обвинителството, во Основниот кривичен суд – Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Софтвери” во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски.

На денешната расправа се изведуваат докази од страна на Обвинителството, кои се однесуваат на пораки помеѓу обвинетиот Драги Рашковски и останатите вклучени во случајот, како и документи поврзани со набавката на софтверот за кој обвинетите се товарат дека бил незаконски прибавен.

Првообвинетиот, се вели во Обвинителниот акт, не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици. Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „Перење пари и други приноси од казниво дело”. Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување” од КЗ.

Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а во улога на застапник на обвинението денеска е обвинителката Ивана Трајчева.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.