Активни се два пожара на отворено, на планината Китка и кај скопското село Булачани, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

На планината Китка гори претежно нискостеблеста вегетација. Пожарот над село Палиград во Општина Зелениково почна на 16 февруари 2024 година и се уште е активен. Од ЈП „Национални шуми“– подружница „Караџица“ – Скопје известиле дека пожарот се шири во правец кон село Тисовица и еден дел кон пределот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“. Теренот, како што се наведува, е непристапен за интервенција од земја. Од страна на РЦУК Скопје за пожарот се известени и во Општина Зелениково.

На Единствениот број за итни случаи 122 утрово во 8:31 часот во ЦУК е добиена пријава за пожар во село Булачани, во која се наведува дека тој се уште е активен.

Пожарникарите во последното деноноќие изгаснале 34 пожари од вкупно 36 на отворен простор на територијата на државата. Изгаснати се четири пожари на отворено во Скопско, во Битолско 11, во Струмица четири, во Велес осум, во Куманово четири и во Тетово изгаснати се три пожари на отворено.

Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.