Триесетдневен притвор му одреди Судот на битолчанец кој завчера со нож му го расекол стомакот на едно лице и му го довел животот во опасност.

За случајот, Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Тешка телесна повреда.

Осомничениот, на 24 јули, пред куќа на улицата „Сотир Брбевски“ во Битола, без особен повод или причина, со нож прободел и расекол едно лице во абдоменот, нанесувајќи му повреди на мускулатурата на предниот абдоминален ѕид и на тенкото црево, со што го довел во опасност животот на оштетениот, информираат од ЈО.

Оттаму, соопштуваат дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола доставил и предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице, сметајќи дека постојат законски основи за притворска мерка.

Судот го прифати предлогот и донесе решение со кое на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, известуваат од ЈО.

Вчера од МВР известија дека На 24.07.2023 во 15.20 часот полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Л.С.(38) од Битола.

Тој се сомничи дека околу 15.00 часот на ул.„Сотир Брбевски“ во Битола, поради претходни недоразбирања и по кратка расправија, со остар предмет го нападнал С.С.(53) од Битола и му нанел повреди. С.С. бил пренесен во Клиничка болница Битола каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото извршила екипа од СВР Битола. Против приведениот денеска (25.07.2023) е поднесена кривична пријава по чл.131 ст.3 од Кривичниот законик, а од страна на судија на претходна постапка на Л.С. му е одреден притвор во траење од 30 дена, велат од МВР.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.