Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека непознато лице, чиј идентитет се утврдува, со самострел застрелало припадник на Жандармеријата кој бил на должност да ја обезбедува израелската амбасада, јави дописникот на МИА од Белград.
– Денеска околу 11 часот непознато лице, чиј идентитет се утврдува, пукало со самострел кон припадник на Жандармеријата кој бил на должност за обезбедување на израелската амбасада и го погодил во вратот – изјави Дачиќ.
Припадникот на Жандармеријата М.Ј. (1990) употребил оружје во самоодбрана и го совладал напаѓачот, кој од здобиените повреди починал.
Полицаецот во свесна состојба бил пренесен во Ургентниот центар каде во тек е операција за отстранување на стрелата од вратот.
– Во моментов се истражуваат сите околности на нападот и можните мотиви – изјави министерот Дачиќ.
Дачиќ оцени дека нападот е терористички акт. Тој се сомнева дека зад напаѓачот стои вахабистичко движење и дека превентивно се уапсени уште неколку лица во близина на полициските објекти.
Како што објави РТС, напаѓачот повеќе пати се приближувал до полициската куќа за обезбедување за да праша нешто, а потоа ја отворил вратата и го застрелал во вратот припадникот на Жандармеријата.
Жандармот отворил оган во самоодбрана и го застрелал напаѓачот кој им подлегнал на раните.
Директорот на Клиниката за ургентна хирургија КЦС проф. д-р Павле Грегориќ за РТС изјави дека операцијата за отстранување на стрелата од вратот на ранетиот припадник на Жандармеријата е во тек.
Ненад Стефановиќ, главен јавен обвинител на белградското Јавно обвинителство, изјави дека дежурниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград наредил обдукција на напаѓачот и сите други неопходни дејствија со цел да се расветлат сите околности на денешниот напад врз припадникот на Жандармеријата М.Ј. (34).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.