Република Македонија мора да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни условите доколку сака да започне преговори за влез во Европската унија, изјави заменик-претседателката на ГЕРБ, Екатерина Захариева, која е потпретседател на Комисијата за надворешна политика во бугарското Собрание и поранешен министер за надворешни работи (2017-2021).
Повод за нејзиниот коментар, како што пренесува БГНЕС, е претстојното гласање во македонскиот парламент за вклучување на Бугарите во Уставот на Република Македонија. што е едно од главните барања утврдени во т.н „француски предлог“ што Скопје треба да го спроведе пред да започнат пристапните преговори со ЕУ.
Захариева ги повика, како што вели, „македонските соседи и пријатели, да не се плашат од промените“.
-Измена на Уставот на Република Македонија не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во Република Македонија и тоа мора да се прифати, потенцира поранешната шефица на бугарската дипломатија.
Таа е категорична дека е корисно за двете земји да отворат нова страница во односите.
-И Софија и Скопје губат од лошите односи. Многу е подобро да немаме граници меѓу нас и да се развива бизнисот. Важно е луѓето да можат слободно да се среќаваат и да комуницираат без страв, рече Захариева.
Истовремено, таа потсети дека за сето ова да се случи Скопје мора да ги исполни условите од преговарачката рамка и да прифати дека Бугарите се дел од Република Македонија.
-Мора да се прекине дискриминацијата врз Бугарите, како и од неодамна зачестените случаи на физичко и вербално насилство. И сето тоа е добро за Република Македонија и граѓаните на оваа држава, тие самите да се чувствуваат добро во својата татковина, а не да се иселуваат, вели Екатерина Захариева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.