Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, кој е во официјална посета на Москва, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров и со директорите на „Ростех“ и „Рособоронекспорт“, јави дописникот на МИА од Белград.
Вулин во разговорот со Лавров истакна дека Србија предводена од претседателот Александар Вучиќ не го заборава вековното братство и дека Србија е единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Руската Федерација и не стана дел од антируската хистерија.
Тој изјави дека Сергеј Лавров е искрен пријател на Србија и на српскиот народ, изразувајќи голема благодарност до Русија за доследно почитување на суверенитетот и интегритетот на Србија и „непризнавањето на лажната држава Косово“.
Вулин истакна дека Србија е независна земја која сама ги избира своите пријатели и дека длабоко жали што министерот Лавров во јуни беше спречен да го посети Белград по волја на други земји, посочувајќи дека со тоа се прекршени сите принципи на меѓународното право.
Лавров изјави дека руската држава ќе продолжи да ја поддржува Србија во зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет.
Србија, рече Вулин, никогаш нема да ја заборави помошта на Русија и рускиот претседател Владимир Путин, кои на повик на претседателот Вучиќ го спречија усвојувањето на британската резолуција во Обединетите нации во 2015 година, според која Србите требаше да бидат прогласени за геноциден народ.
На средбата меѓу српскиот и рускиот министер беше истакнато дека Србија и Русија и во време на големи предизвици имаат исклучителни дипломатски односи и успешна билатерална соработка, како што претседателот Вучиќ и претседателот Путин имаат исклучително добри лични односи.
Вулин во Русија се сретна и со генералниот директор на „Ростех“, генерал-полковник Сергеј Чемезов и со генералниот директор на „Рособоронекспорт“, Александар Михејев, со кои разговараше за продолжување на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Србија и компанијата „Ростех“.
Вулин посочил дека односите и соработката меѓу Србија и Русија се на високо ниво, исто како и личните односи на српскиот и рускиот претседател, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Српскиот министер за внатрешни работи нагласи дека набавката на техничката опрема што ја произведува „Ростех“ е исклучително важна за подобрување на капацитетите на МВР и за уште поголема ефикасност на српската полиција.
Генералниот директор на „Ростех“, генерал-полковник Сергеј Чемезов, кој е долгогодишен близок пријател и соработник на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претходно во Москва го одликуваше Александар Вулин со медал за неговиот исклучителен придонес во развојот на соработка меѓу МВР на Србија и „Ростех“.
Како што е соопштено, државниот секретар на МВР Бојан Јоциќ, командантот на жандармеријата Дејан Луковиќ, заменик-началникот на Одделот за меѓународна соработка на МВР Маја Јештровиќ и координаторот во Секторот за меѓународна соработка Милош Анѓиќ добија ордени од директорот на Федералната служба за воено-техничка соработка на Дмитриј Шугаев за подобрување на воено-техничката соработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.