Претседателот на Србија Александар Вучиќ, зборувајќи за мрачните прогнози што ги изнесе генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на Генералната дебата на светските лидери, рече дека стравува дека реалните прогнози се уште помрачни, јави дописникот на МИА од Белград.
-Мислам дека реалните прогнози мора да бидат уште помрачни и тој зборуваше за неколку кризи – од Рогот на Африка до Авганистан, спомнувајќи ја најтешката во Украина, но ситуацијата е уште потешка. Се разбира, за нас позицијата е уште потешкa во смисла дека ОН играат послаба улога во светот, бидејќи големите сили презедоа се на себе и де факто го уништија поредокот на ОН во изминатите неколку децении, изјави Вучиќ за РТС.
Тој посочи дека денеска е најголемиот собир во Обединетите нации и дека не памети дека имало толку шефови на држави, повеќе од 150.
-Што значи дека луѓето бараат излез и некаква надеж. Се плашам дека ако ги слушавте турскиот претседател и киргистанскиот претседател – тие зборуваа за други кризи и тогаш ќе видите безброј кризи во секој дел од светот, додаде Вучиќ.
Тој рече и дека бројни руски медиуми побарале да разговараат со него, но дека тој не можел да зборува додека не го слушне говорот на рускиот претседател.
-Не е тешко да се претпостави што генерално ќе каже претседателот Владимир Путин. Претпоставувам дека од фазата на специјална воена операција се приближуваме до голем воен конфликт и сега прашањето е каде се границите и дали ќе отидеме за некое време, или можеби веќе за месец или два, во голем светски конфликт каков што не сме имале од Втората светска војна, нагласи Вучиќ.
– За сите нас кои сме мали и кои би сакале да бидеме безбедни и да им обезбедиме сигурност на граѓаните, за нас нема убави и лесни вести и очекувам се што ќе видиме во наредниот период да биде дополнително усложнување на односите меѓу Западот и Руската Федерација, но и меѓу Западот и Народна Република Кина, додаде Вучиќ.
Тој посочи дека утре ќе има средба и со министерот за надворешни работи на Кина, што, како што вели, е исклучително важна средба.
-Денеска ги имавме многу, се обидуваме да освоиме рационална позиција за Србија, но…“, изјави Вучиќ.
Вучиќ за РТС изјави дека во следните седум до десет дена ќе донесе важни одлуки со кои ќе ги запознае граѓаните и дека верува дека во текот на следната недела ќе се осврне на некои мерки и одлуки важни за иднината на Србија. Тој посочи дека на средбите во Њујорк добил уште една нота за повлекување на признавањето на независноста на Косово
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.