Имаме постигнато многу резултати, економски, имаме раст на трговската размена и политички немаме отворени билатерални прашања помеѓу Србија, Македонија и Албанија, а некои од најтешките во нашата историја успеавме да ги решиме и тоа е нешто што донесе промени во изминатиот период, оцени на прес- конференцијата на Самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид српскиот претседател Александар Вучиќ.

Денеска во Охрид, сакам на нашите домаќини, на браќата и сестри Македонци, да им кажам дека ние од Србија ништо не бараме, од никого, ниту од Македонија, само сакаме да имаме братски и пријателски односи и на нас секогаш може да сметате – изјави Вучиќ, кој изрази благодарност до албанскиот премиер Еди Рама, поради истрајноста и посветеноста да продолжи со работата на „Отворен Балкан“.

Вучиќ оцени и дека сето она што денеска е потпишано ќе придонесе на развојот на односите на трите земји и дека е горд на сето она што досега е сработено во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.

Тој најави скорешно одржување на видео конференција за продолжување на подготовките со цел експертите да се обединат и да ги пронајдат најдобрите решенија и излезот од кризата која и се заканува на Европа во претстојниот период.

Тој изрази задоволство што се разговара за сите отворени прашања и што се бара начин за подобар живот на луѓето, акцентирајќи дека сето ова нема веднаш да донесе резултати, но ќе биде видливо секој ден се повеќе и повеќе.

Мораме да седнеме да разговараме како да ги упростиме процедурите за луѓето побрзо да ги менуваа границите, да имаме една наместо повеќе контроли и ќе продолжиме да работиме на тоа и намалување на бирократските процедури.

Одговарајќи на прашање на РТЦГ за тоа дали приклучувањето на Црна Гора во „Отворен Балкан“ ќе придонесе на екстрадицијата на поранешниот претседател на СР Југославија Светозар Маровиќ од Србија, Вучиќ рече дека е подготвен да разговара за сите прашања со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и дека и Србија „има бројни прашања за црногорската страна“.

Ние овде првенствено се занимаваме со прашања за слободно движење на луѓе и стоки, а не со инверзија на зборови отворени и затворени за да претставуваме првенствено партикуларни интереси. Немаме проблем да разговараме за кое било прашање. Мојот одговор може да биде, знаете колку ние барања имаме? Запрашајте се или само сакавте да покажете колку Србија е нефер кон Црна Гора, па секогаш го поставувате истото прашање – одговори Вучиќ, потенцирајќи дека Абазовиќ добил покана од српската премиерка Ана Брнабиќ да дојде во Белград пред крајот на месецот, што ќе биде можност да разговараат за билатерални прашања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.