Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Република Албанија, Еди Рама, ќе присуствуваат на отворањето на Првиот меѓународен саем за вино Винска визија на Отворен Балкан во четврток, 1 септември 2022 година, на Белградскиот саем, соопштија од кабинетот на српскиот претседател, јави дописникот на МИА од Белград.

Саемот се одржува под покровителство на владите на Република Србија, Република Македонија и Република Албанија, во рамките на иницијативата Отворен Балкан.

И српската влада соопшти дека официјалната церемонија на отворањето на Првиот меѓународен саем за вино Винска визија на Отворен Балкан ќе се одржи во четврток, 1 септември 2022 година, во 13 часот на Белградскиот саем, во Хала 1.

Како што претходно пишуваше МИА, на манифестацијата своето присуство го најaви и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, а српскиот претседател соопшти дека се очекуваат и министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција.

На 2 септември предвиден е политичкиот дел од Иницијативата Отворен Балкан, а вечерта премиерот Димитар Ковачевски ќе приреди Македонска вечер, т.е Културен настан со дегустација на вкусни македонски вина и храна, придружени со музиката на виртуозот Влатко Стефановски.

Денес Министерката за трговија, туризам и телекомуникации, Татјана Матиќ за РТС изјави дека „Винска визија на Отворениот Балкан“ е еден од првите заеднички чекори во конкретизирањето на идеите и стратегијата на Отворениот Балкан.

-Заедно сме посилни, преку иницијативата Отворен Балкан можеме да постигнеме многу повеќе, особено во вакви тешки, економски предизвикувачки времиња во кои живееме и кои не очекуваат. Така, дури и кога зборуваме за вински туризам и за нов туристички производ што го сакаме да го формираме преку иницијативата Отворен Балкан, мислам дека пред нас се големи перспективи и оваа иницијатива ќе го покаже тоа, кажа Матиќ.

Ова не е само туристичка трговска порака, додаде таа, ова е важна политичка порака особено во овие тешки времиња и оваа иницијатива уште еднаш докажува колку е значајна, колку е важна за регионот.

Министерката истакна дека на саемот, покрај виното и гастрономијата е важен сегмент и додаде дека ќе се промовираат и културното наследство, активниот туризам, природата и градските одмори.

-Бидејќи тоа е уште една туристичка вредност што сакаме да ја промовираме и која е заедничка за сите земји во рамките на иницијативата Отворен Балкан. Покрај тоа, заедно со нашите колеги од Македонија и Албанија, се договоривме дека покрај виното туризмот и гастрономијата што сакаме да ги промовираме, се разбира, сакаме да го промовираме и нашето културно наследство, активниот туризам, природата, градските одмори. Едноставно сакаме заедно да одиме на поголемите пазари, рече министерката Матиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.