Српскиот претседател Александар Вучиќ најави во обраќањето до јавноста на РТС дека во вторник и среда ќе биде на Самитот Отворен Балкан во Охрид, за кој оцени дека донел значителни придобивки за сите три земји учеснички и дека тој е отворен за сите, но тој никого не сака да моли за да и се придружи на оваа иницијатива, јави дописникот на МИА од Белград.

На утрешната вечера во Охрид, покрај македонскиот премиер Димитар Ковачевски и албанскиот премиер Еди Рама, ќе присуствуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија. На прашањето дали тоа значи дека Отворен Балкан станал примамлив, Вучиќ одговори дека незнае за тоа, но и дека е „сит од молење“.

– Абазовиќ и Тегелтија доаѓаат како набљудувачи. Доста ми е од тоа молење, имаме Отворен Балкан, Србија, Македонија и Албанија се тука, кој сака да се приклучи, сака, а кој не, не ми паѓа на памет да молам, изјави Вучиќ.

Како што рече, трите држави веќе спроведуваат се што е поврзано со работните дозволи, а останува уште една од овие три земји да ја заврши законодавната иницијатива, за да може идејата да се реализира.

На Самитот во Охрид ќе бидат потпишани четири договори, за признавање на дипломи, за соработка во областа на трговијата и туризмот и за соработка во областа на културата и даночните управи.

-Тоа се важни области и секако ќе им донесат корист на сите, нагласи Вучиќ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.