Претседателот на Србија Александар Вучиќ по средбите со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак и со американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил изјави дека ќе се обрати во рок од 72 часа и дека сега е целосно јасно дека Албин Курти сака уништување и прогон на српскиот народ, јави дописникот на МИА од Белград.

– Денеска имавме одделни двочасовни разговори за Косово, прво со Мирослав Лајчак, а потоа и со американскиот амбасадор Кристофер Хил, и во следните 72 часа ќе и се обратам на јавноста. Ќе зборувам за тоа што бара Србија, а поради суштинскиот и брутален напад врз српското население, пред се на северот на Косово и Метохија, како и за тоа што т.н. меѓународна заедница нема исполнето, што бара Србија и што ќе направи Србија, напиша српскиот претседател на Фејсбук по средбите со Лајчак и ненајавената средба со американскиот амбасадор Хил.

Тој додаде дека „сега е сосема јасно дека Курти сака уништување и прогон на српскиот народ и дека тоа не ни е јасно само нам, туку и на сите други“.

– Ние сме во ситуација кога Србите не можат да направат ништо што може секој во современиот свет да го направи, а сето тоа е благодарение на илегалните, криминални и незаконски одлуки на Албин Курти, а дека од сето ова од Европа и Квинта доаѓаат само зборови на осуда, а на дело ништо не се гледа, оцени Вучиќ на Фејсбук.

Тој на крајот порача дека „Србија секогаш е за дијалог и дека нема да дозволи прогон и погром на српското население“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.