Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека американските санкции против директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин се порака упатена до него, но дека со Србија „нема да управуваат странци, барем додека тој е претседател“, туку нејзините граѓани.

„Сосема сигурно ми е упатена мене. Вечерта претходно еден странски функционер јасно ми кажа – само објави дека Србија ќе ја промени политиката за санкции кон Русија и ова против Вулин нема да го има. Јас молчев“, изјави Вучиќ на ТВ Прва.

Вучиќ изјави дека Вулин е „коректен човек“, но ако мислел дека земјата е во опасност, ќе му кажел: „Александар, те молам поднеси оставка“.

„Не сакам ниту еден поединец да биде пред политиката на државата. Дали државата во одреден момент ќе биде загрозена па ќе мора да ја смениме нашата одлука јас тоа не го знам, но како што знаете ова го повторувам веќе година и пол“, рече Вучиќ, мислејќи на санкциите против Русија.

Вучиќ праша: „Што би требало јас да правам (по повод ваквата порака) да клекнам и да молам за милост за да останам подолго на власт“, ​​и оцени дека такво нешто не може да се случи.

„Веќе 11 години овде во јавноста велат дека дојдов на власт затоа што сум им ветил на странците дека нешто ќе сторам. Така малиот Ѓокица ја замислува политиката“, рече Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.