Претседателот на Србија Александар Вучиќ, во Брисел се сретна со специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по што порача дека не е оптимист, бидејќи Приштина не сака да направи ништо за деескалација на конфликтот, јави дописникот на МИА од Белград.
Разговарав со Лајчак, не сум оптимист. Имам причини. Како што реков, Приштина не сака на каков било сериозен начин да направи било што за деескалација на конфликтот и тоа за нас станува се поголем политички проблем. Затоа сакам да разговарам со генералниот секретар на НАТО, изјави Вучиќ по разговорот со Лајчак во Брисел.
Вучиќ оваа средба со Лајчак ја одржа во пресрет на неговите разговори со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Зборував со Лајчак за последната рунда технички разговори меѓу Белград и Приштина и начините за смирување на тензиите на теренот. Србија продолжува да инсистира на конкретни чекори за заштита на животите на Србите на Косово и Метохија, како и за спроведување на досега постигнатите договори“, напиша Вучиќ на инстаграм-профилот „будуќностсрбијеав“.
Во текот на денешниот ден во Брисел се одржаа разговори на ниво на главните преговарачи на Белград и Приштина, но тие завршија без директна средба на делегациите.
Делегацијата од Белград учествуваше на разговорите со европскиот пратеник Мирослав Лајчак, а со него одделно разговараше и шефот на делегацијата Петар Петковиќ.
За овие разговори Лајчак на Твитер соопшти дека се „разговарало за бројни прашања поврзани со дијалогот, почнувајќи од спроведувањето на договорот постигнат на 27 февруари и за деескалацијата на северот на Косово“.
Разговорите ќе продолжат и во наредниот период, додаде тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.