Претседателот Александар Вучиќ потврди дека од Руската Федерација пристигнало предупредување за подготовки за немири и државен удар во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Добивме официјални информации од Руската Федерација, информации пренесени и донесени преку официјални канали. Да, ја добивме таа информација и се занимаваме со неа. Одговорна е БИА, луѓето специјализирани за ова во Владата на Србија и на сите други места си ја вршат својата работа, рече српскиот претседател одговарајќи на новинарско прашање дали добил предупредување од руските безбедносни служби дека во Србија се подготвуваат масовни немири со цел државен удар.

Тој порача и дека граѓаните треба да бидат безгрижни.

Вучиќ истакна дека оние кои сонуваат дека нешто ќе направат насила нема да успеат, затоа што Србија неуморно оди напред.

Не можат да ја сопрат. И нема да ја спречат и никој никогаш нема да ја спречи. Тоа е мојата порака до сите, луѓето не треба да се грижат. Утре можат мирно да ги гледаат нашите кошаркари (натпревар на Олимпијадата) дома, рече тој.

На највисоките претставници на српската влада, специјалните служби на Руската Федерација преку официјални канали им дале информации за подготовка на масовни немири и обид за државен удар и ликвидација на претседателот Александар Вучиќ и највисоките државни функционери, соопштија претходно српските медиуми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.