Врховниот суд во Хрватска ја укина пресудата за поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, за злоупотреба на службената положба и овластување.
Иако во соопштението на Судот не се споменува името на осудениот, се наведува дека тој се товари дека како преговарач од хрватската Влада зел провизија од 3,6 милиони куни (околу 475.000 евра) за склучување договор за заем и за влез на странска банка на хрватскиот пазар.
Хрватските медиуми потсетуваат дека станува збор за случајот „Хипо“.
Откако Врховниот суд ја прифати жалбата на осудениот и ја укина пресудата, предметот е вратен на повторно судење пред Жупанискиот суд во Загреб, каде што беше донесена првостепената пресуда.
Во соопштението на Врховниот суд се потсетува дека осудениот бил обвинет за тоа дека во 1994-1995 година, во својство на заменик-министер за надворешни работи и овластен преговарач во име на Владата на Хрватска, ги договарал условите за заем со една „странска банка“.
Заемот ѝ бил потребен на хрватската Влада за да купи згради за амбасади ширум светот.
Осудениот се товари дека ја искористил воената состојба за да земе провизија при склучувањето на тој договор.
Врховниот суд утврдил дека првостепениот суд не успеал правилно да го утврди начинот на кој дејствијата на обвинетиот имале штетно влијание врз материјалните услови за живот на населението во војната и врз економскиот потенцијал на државата и другите имотни интереси или економскиот потенцијал на државата во војната.
Правилното утврдување на овие факти е пресудно и за да се процени дали значителната материјална добивка е непропорционална, оценува судот.
Во соопштението на судот се наведува и дека во повторената постапка потребно е со поголемо внимание да се процени дали во однесувањето на осудениот се стекнати сите битни карактеристики на кривичното дело злоупотреба на положба и овластување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.