Поранешната романска министерка за туризам, Елена Удрeа, која вчера беше осудена на шест години затвор за корупција, е уапсена во Бугарија и ќе биде предадена на романските власти.

На 7 април националната бугарска полиција добила итно барање за помош од романските полициски власти со цел да лоцира автомобил и патници во земјата – соопшти бугарското МВР.

Извршена била итна координација со Граничната полиција за да се спречи министерката да ја напушти државата или да избега. Од преземените дејствија било констатирано дека бараното лице се наоѓа на подрачјето на граничниот премин Кулата, за што веднаш биле известени вработените на граничниот премин. Известени биле надлежните романски органи да го идентификуваат бараното лице. Веднаш била распишана европска потерница.

Според добиените информации, бараното лице во својство на министер за регионален развој и туризам во периодот од 2010 година до крајот на 2011 година извршило низа дејствија со цел стекнување имотна корист. Како резултат на тоа, повеќе од 12.000.000 романски леи и 1.100.000 евра биле добиени како поткуп од различни компании. Министерката во моментов е во притвор до 24 часа, јави Бгнес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.