Албанската влада подготви Нацрт-закон за производство на оружје „Made in Albania“ со кој се уредува индустријата за производство, истражување и развој на оружје, муниција, опрема и воени технологии, како и нивна трговија.

Се очекува Нацрт-законот деновиве да биде ставен на јавна расправа, по што ќе биде разгледан во собраниските комисии, а во септември и на седница на парламентот за усвојување.

Предлог-законот предвидува заживувањето на албанската индустрија за производство на оружје да и биде доверено на Агенцијата за одбранбена индустрија, која ќе биде дел од Министерството за одбрана. Оваа агенција е државен орган одговорен за лиценцирање, надзор и регулирање на секторот за производство, трговија, истражување и развој на военото вооружување, наведуваат медиумите.

Во документот е нагласено дека сите албански или странски компании кои ќе аплицираат за лиценцирање ќе треба да планираат почетна инвестиција од најмалку 25 милиони евра.

По добивањето на лиценцата, компаниите, ќе бидат ослободени од данок на добивка, а ќе плаќаат и намален данокот на додадена вредност, кој ќе изнесува 10 отсто. За да се избегне продажбата на оружје од албанско производство во земјите под воени санкции, албанската влада со законот предвидува низа мерки, додаваат медиумите.

Агенцијата за одбранбена индустрија ќе води и објавува „црна листа“ на субјекти, за кои ќе биде утврдено дека направиле многу сериозно прекршување на одредби од овој закон или кои преку

својата дејност производство или трговија ја нарушиле националната и меѓународната безбедност.

Албанија имаше значајна индустрија за оружје која процвета особено во 70-тите и 80-тите години откако Кина, како главен сојузник, помогна во изградбата на неколку нови комплекси, додека порано со руска помош беа изградени производствени линии.

Албанија имаше комбинат за производство на оружје и муниција во Поличан, вклучувајќи ја и фабриката за оружје и муниција во Чекин кај Грамш, каде се произведуваа пушки, калашникови и уште неколку видови оружја. Функционираше и погонот за експлозиви во Елбасан, како и линиите за поправка на авионите „МИГ“ во Кучово, која сега е воздухопловна база на НАТО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.