Зградата на Железничката станица во Нови Сад била отворена иако одредени работи сè уште биле во тек и за тоа не било известено Одделението на Републичката градежна инспекција. Вака може да се заклучи според кривичната пријава против српскиот министер за градежништво и транспорт Горан Весиќ и неговата заменичка Анита Димоски која била задолжена за надгледување на проектот за реконструкција, доградба и адаптација.

Српска Нова пишува дека зградата на железничката станица во неколку наврати е реновирана, а иако властите од самиот почеток на трагедијата во Нови Сад тврдеа дека натстрешницата не е во изградба, судејќи по кривичната пријава против осомничените, на објектот се работело.

Дека не е извршен технички преглед на објектот и дека за наведениот објект не е издадена употребна дозвола, како и заради примена на една или повеќе мерки од надлежност на Одделението за републичка градежна инспекција, иако знаеле дека градежните работи сè уште се во тек, истите до 5 јули 2024 година не биле регистрирани од инвеститорот „Инфраструктура железнице Србија“ а.д. Белград, пред почетокот на работите согласно Законот за планирање и градење“.

Весиќ започна штрајк со глад во притвор минатата недела, а денеска беше примен во болница откако му се влоши здравјето. Тој рече дека ќе докаже дека не сноси никаква кривична одговорност за трагедијата и дека не бил уапсен туку сам им се предал на органите на власта.

Уривањето на натстрешницата во Нови Сад на 1 ноември одзеде 15 животи и предизвика политички хаос во Србија со протести на улиците и инциденти во собранието. Весиќ беше меѓу 12 уапсени лица за трагедијата.

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека сега не е моментот за реконструкција на Владата и дека во вторник ќе соопшти кој од министрите ќе ги преземе министерствата предводени од Горан Весиќ и Томислав Момировиќ, кои поднесоа оставки поради трагедијата во Нови Сад, а кои вчера Собранието ги прифати, јави дописникот на МИА од Белград.

– Ни претстои пат да поставиме двајца нови министри, а во вторник ќе кажам кој ќе ги преземе тие две министерства, додека не се изберат нови членови на Владата – изјави синоќа Вучевиќ за Јуроњуз.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.