Украинските власти се обидуваат да го обноват снабдувањето со струја и вода по неодамнешните руски воени напади кои нанесоа огромни штети на инфраструктурата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на милиони луѓе им е вратена електричната енергија, по повеќе денови без неа во земјата погодена од тешката војна.
„Клучната задача сега, како и следните денови од оваа недела, е енергијата“, рече Зеленски во своето редовно ноќно обраќање доцна во петокот кој додаде дека успеале да ја вратат струјата кај 6 од 12 милиони исклучени потрошувачи.
Меѓу останатите реони, вратена е струјата во Херсон по неговото ослободување на почетокот од овој месец од руската окупација, потврди денеска Кирило Тимошенко, заменик-шеф на претседателската администрација на Украина.
„Прво ја снабдуваме со електрична енергија критичната инфраструктура на градот, а веднаш потоа и потрошувачите во домаќинствата“, напиша тој на Телеграм.
Градот беше без струја, централно греење и вода кога украинските сили го вратија на 11 ноември.
Сепак и тука не е лесно, бидејќи престрелките продолжуваат на истокот, а жителите од Херсон се упатија кон север и запад за да побегнат по смртоносните бомбардирања од руските сили во изминатите денови.
Нападите се сметаат како обид за руска одмазда против опколениот, но пркосен народ на Украина, откако украинските трупи пред повеќе од две недели го ослободија градот кој беше во рацете на Русија речиси од почетокот на инвазијата.
Премиерот Денис Шмихал пак испрати пофалби до работниците кои се дел од енергетскиот сектор.
„Ниту една земја во светот нема такво искуство во ставање во функција на енергетскиот систем по седум бранови ракетни напади“, истакна тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.