Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ потврди дека во текот на ноќта во Лозница еден полицаец е убиен, додека друг е тешко ранет, а припадниците на МВР на местото на пукањето пронашле косовски пасош на осомничениот на име Хајзири Артан (1991) и германска лична карта, јави дописникот на МИА од Белград.

Вечерва околу 00:55 часот во Лозница, при контрола на возилото на пункт во Липнички Шор, полициски службеници од Граничната полициска станица Трбушница запреле мерцедес со регистарски таблички од Тутина, во кој имало две лица, стои во соопштението на МВР.

При излегувањето од возилото, едно лице пукало од пиштол во градите на полицаецот Никола Крсмановиќ (1990), и во рамото на полицаецот Вјекослав Илиќ (1974), по што избегал.

Двајцата полицајци биле пренесени во Општата болница Лозница, каде Крсмановиќ им подлегнал на повредите.

Силни полициски сили интензивно трагаат по напаѓачот, на терен се полициски службеници од МВР Шабац, како и од Управата за криминалистичка полиција, Управата за гранична полиција и припадници на Специјалната антитерористичка единица, а покренати се и беспилотни летала и хеликоптери, се наведува во соопштението на МВР.

На местото на престрелката полицијата го пронашла пасошот на осомничениот, издаден од институции на Косово на име Хајзири Артан (1991).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.