Aлбанската влада на 26 октомври донела одлука да додаде уште неколку илјади квадратни метри земјиште на површината доделена на компанијата што ќе го гради пристаништето за јахти во Драч, јави Топ чанел. 

 -Вкупно 818.318,98 квадратни метри или 81,8 хектари земјиште ќе се користи за изградба на комплексот хотели, станови и пристаниште на јахти. Во образложенијата дадени во владината одлука, сега објавена во службен весник, во некои случаи станува збор за песочни плажи, што според мапите. настанале од морски наноси, наведува телевизијата. 

Во меѓувреме, заедно со оваа одлука, вкупната површина на градба е проширена, достигнувајќи 61.450 квадратни метри, околу 7.000 повеќе отколку што беше во првата одлука за одобрување на овој проект од страна на субјекти како што е Националниот територијален совет. 

„На почетокот на минатата година на оваа компанија и беа доделени 209 имоти со површина од 80,9 хектари земја. Тие беа наменети за инвестиција од две милијарди долари за проектот „Durres Yacht & Marina“. Сега е сменето и името на инвеститорската компанија од „Symphony Real Estate Development“ како што беше претходно, која според една трансакција регистрирана пред извесно време во Националниот деловен центар преминала во „Eagle Hills Real Estate Development“, се наведува во информацијата.  

Се додава дека проектот за марината во Драч е класифициран како стратешка инвестиција со тоа што ќе се искористи имотот за реализација на инвестицијата преку договор со владата, но „останува нејасно колкав ќе биде реалниот профит на државата“. 

„Од 2020 година се зборуваше за овој проект, а во 2021 година беше претставена компанијата „EMAAR“ од Обединетите арапски емирати, која ќе го реализирала проектот во Драч. Оттогаш почнаа низа законски измени и имиња на инвеститори, со што се зголемува маглата околу проектот. Единствен сигурен факт е дека на инвеститорот бесплатно му се дадени 81,8 хектари државно и приватно земјиште“, заклучува Топ чанел. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.