Денеска е 24-от ден од потрагата по Матеј Периш – момчето од Хрватска кое исчезна на 30 декември во Белград, откако со другарите било во ноќен клуб. Полицијата и нуркачите не се откажуваат – и покрај снегот и мразот, деноноќно ги пребаруваат водите на реката Сава, но и на Дунав, низводно сѐ до Панчево, Пожаревац и Смедерево.

Полицајците користат термовизиски камери, кои покажуваат што се наоѓа под снегот и позади ѕидовите на бројните напуштени објекти покрај реката.

Членови на Доброволното противпожарно друштво Палилула, вчеравечер во темницата и по снегот, со светилки го пребарувале теренот околу Дунав и Сава. Акцијата продолжи и денес.

Во потрагата се вклучени сите единици на српската полиција.

Ненад Периш, таткото на исчезнатиот Матеј, вели дека верува во работата и во посветеност на српската полиција, а тој денеска откри и што е тоа што најмногу го збунува околу исчезнувањето на неговиот син.

„Две дупки се многу важни. Тоа пред сѐ е излегувањето од барот, кое не е снимено и кое ќе остане во магла, затоа што не знам дали тука нешто се случило, но не верувам дека било така. Втората работа, можеби уште поважна, е спуштањето на Матеј во просторот кој наликува на тераса покрај реката Сава, што е ограден простор со должина од 15-ина метри и ширина од десет. Тука исто така немаме снимка за да видиме дали таму имало уште некој и дали Матеј ја преминал таа ограда, затоа што тука е косо и можно е да се лизнете и да паднете. Го прашав инспекторот дали е можно тука да се излезе, а камерите тоа да не го забележат, затоа што тука има камери и добив одговор: Да. Тоа се за мене две многу важни работи, а третата е сигналот од телефонот на Матеј, кој е лоциран во близина на Воениот Остров. Знам дека полицијата побара од производителот од Кореја да им ги достави сите податоци. Од излегувањето на Матеј од барот, до тој сигнал, поминале околу три часа, а тој мобилен може да даде сигнал само ако е надвор од водата, затоа ова ми е многу важен податок“, вели таткото на исчезнатото момче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.