Американскиот новинар и конзервативен политички коментатор Такер Карлсон по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Будимпешта изјави дека разговарале за руската војна во Украина и за последиците од тој конфликт за другите земји.
По вчерашната средба со Вучиќ во амбасадата на Србија во Будимпешта, Карлсон на социјалната мрежа Х изјави дека еден од ставовите што ги искажал српскиот претседател е дека „војната во Украина, која НАТО ја води против Русија, ја уништи економијата на Европа“.
„Уништувањето на гасоводот „Северен тек“, кое го спроведе администрацијата на (американскиот претседател Џозеф) Бајден, директно или преку посредници, ја убива германската економија, убедливо најголемата економија во Европа“, рече Карлсон во видео пораката, пренесувајќи ги наводните зборови на Вучиќ.
Карлсон, поранешен долгогодишен новинар на „Фокс Њуз“, додаде дека „последиците од тоа што една земја од НАТО всушност напаѓа друга се чувствуваат низ Европа“.
Новинарот, познат по својата контроверзна реторика, во април бурно се раздели со телевизијата „Фокс Њуз“, каде што беше водечка ѕвезда.
По средбата во Будимпешта, Вучиќ на Инстаграм напиша дека разговарал со „еден од најголемите новинари на денешницата, човек со широко образование и единствена новинарска храброст“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.