Најмалку 32 лица загинаа, а 85 се повредени кога возови се судрија во близина на грчкиот град Лариса, соопштија пожарникарите.

Во централна Грција се судрија патнички и товарен воз, а спасувачките екипи ги извлекуваа патниците од згмечените вагони.

„Евакуацијата на патниците е во тек во многу тешки услови со оглед на сериозноста на судирот на возот“, изјави портпаролот на противпожарната служба Василис Вартакјанис.

Регионалниот гувернер на Тесалија Константинос Агорастос за ТВ СКАИ изјави дека првите четири вагони од патничкиот воз излетале од шините во судирот, додека првите два вагони, кои се запалиле, биле „речиси целосно уништени“.

„Слушнавме голема експлозија. Имаше десет секунди ужас. Се превртувавме во вагонот додека не паднавме на страна и метежот престана. Потоа настана паника. Оган лево и десно, насекаде… Десет-петнаесет секунди владееше хаос. Превртување, пожари, закачени кабли, скршени прозорци, луѓе што врескаат, луѓе заробени“, вели патникот Стергиос Миненис, пренесе Ројтерс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.