Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по синоќешната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека НАТО ќе продолжи да го поддржува и обезбедува мирот во рамките на својот мандат на Косово, пренесоа белградските медиуми од Брисел.

Столтенберг синоќа се сретна со Вучиќ и ги повика двете страни да ги намалат тензиите, нагласувајќи дека НАТО цврсто го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската унија.

Столтенберг рече дека Србија долго време е „партнер од доверба“ на НАТО и оти е убеден дека ќе се вклучи во дијалог на конструктивен начин.

Тој рече дека НАТО ќе ја продолжи својата мисија за обезбедување безбедност на движењето на сите жители на Косово.

Во исто време, осврнувајќи се на неодамнешните инциденти во кои беа повредени десетици војници на КФОР, тој предупреди дека нападите врз мисијата на НАТО се неприфатливи.

– Го зголемивме нашето присуство како одговор на зголемените тензии на северот на Косово и ќе продолжиме да обезбедуваме спроведување на нашиот мандат на непристрасен начин, рече Столтенберг.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по разговорот со Столтенберг изјави дека на Србија и требаат и КФОР и НАТО кои до сега професионално работат на Косово.

Вучиќ за српските медиуми изјави дека никој во српската јавност „не забележал дека има правен проблем“, бидејќи според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, ниту една вооружена формација освен КФОР не може да постои и да дејствува на Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.