Израелското Министерство за надворешни работи го окарактеризира денешниот напад врз припадник на Жандармеријата пред израелската амбасада во Белград како „обид за терористички напад“, пренесува Тајмс оф Израел.

– Денеска имаше обид за терористички напад во близина на израелската амбасада во Белград. Амбасадата беше затворена и никој од персоналот на амбасадата не беше повреден. Повреден е локален полицаец. Околностите на инцидентот се истражуваат – се вели во соопштението на израелското Министерство.

Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека околу 11 часот непознато лице со самострел го застрелало припадникот на Жандармеријата кој бил на безбедносна должност во Амбасадата на Израел, ранувајќи го во вратот.

Дачиќ истакна дека станува збор за терористички напад насочен против државата Србија и Жандармеријата.

Полицаецот Милош Јевремовиќ (34) употребил оружје во самоодбрана и го застрела напаѓачот, кој од здобиените повреди почина, соопшти српското МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.