Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано повтори дека лидерите на Србија, претседателот Александар Вучиќ и на Косово премиерот Аљбин Курти на средбата во Брисел во понеделникот се согласиле дека повеќе нема потреба од дискусија за европскиот план и дека овој документ сега „стана Договор на патот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“.

„Она што исто така беше договорено е дека работата ќе продолжи, односно со дискусија за имплементација и конкретни чекори на патот кон нормализација на односите“, им изјави Стано на новинарите на редовната прес-конференција.

Српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти се договорија за текстот на европскиот предлог и за продолжување на дискусиите за имплементација на 11 точки од овој документ.

По враќањето од Брисел Вучиќ гостувајќи на РТС изјави дека освен членството на Косово во Обединетите нации, нема да ја прифати ниту неговата независност.

Во точката 4 од овој предлог се вели дека Србија нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.

Во оваа насока се огласи и премиерот на Косово, кој го обвини претседателот на Србија дека го прекршил европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Портпаролот на ЕУ Петер Стано одби да ги коментира изјавите на лидерите на Србија и Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.