Европската унија веќе извесно време укажува дека Русија се обидува да го прошири своето штетно влијание на територијата на Западниот Балкан, што претставува причина за загриженост, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Тоа не е ново. Знаеме дека Русија се обидува да направи се што може за да создаде политичка нестабилност преку надворешно мешање, дезинформации и манипулации. Токму затоа ни и ја зајакнавме нашата соработка и помош на партнерите од Западниот Балкан за да ги засилиме нивните капацитети и способност за справување со овие форми на хибридни закани и странско мешање, додаде Стано во коментар на изјавата на украинскиот претседател Володомир Зеленски дека Русија би можела да испровоцира конфликт во регионот на Западниот Балкан.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој додаде дека ЕУ ги следи руските активности во регионот и свесна е за тоа што се обидува да го направи Русија, па затоа и соработува со партнерите од Западниот Балкан.

Тоа беше и една од темите покрената во понеделникот на министерската средба на 27-те членки на ЕУ со министрите за надворешни работи од земјите од Западниот Балкан, нагласи Стано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.