Српската војска собори дрон над касарната во Рашка, јави дописникот на МИА од Белград.

Претходно беше забележано набљудување и извидување на касарната, па војската по наредба на врховниот командант дејствуваше и го собори дронот, соопштија срспките медиуми.

И вчера, беспилотни летала беа забележани на подрачјето на Мердаре и во околината на Рашка, кои ги набљудуваа касарните и позициите на Вооружените сили на Србија.

Претседателот на Србија и врховен командант на вооружените сили Александар Вучиќ нареди веднаш да се уништат сите непријателски беспилотни летала на територијата на централна Србија.

Претходно денес министерот за одбрана Вучевиќ за РТС потврди дека Вучиќ ја подигнал борбената готовност на српските вооружени сили поради беспилотните летала и „имајќи го предвид искуството на украинскиот фронт“ за да нема административни доцнења во командниот синџир.

Вучевиќ изјави дека Вучиќ „издал наредба секој таков објект да биде елиминиран или ставен под наша контрола“ и дека борбените авиони МИГ 29, кои ги активира Србија, не се подигнати поради беспилотните летала, туку дека „патролираат на нашето небо“.

Министерот за одбрана на Србија изјави дека „на овие предизвици армијата може да одговори со топови“ и на други начини.

-Не се работи само за влез во Рашката област, ВС набљудувала одредени објекти во насока на движење низ Топличкиот и Нишавскиот реон, рече Вучевиќ.

Наскоро се очекува соопштение од Војската на Србија. об/сд/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.