Британскиот весник „Гардијан“ објави видео за кое тврди дека покажува група мигранти во долна облека како се движат во близина на границата меѓу Србија и Македонија. Видеото, кое весникот го добил од македонската невладина организација Легис, наводно прикажува ситуација во која српската полиција ги соголува мигрантите и ги принудува да се вратат во Македонија.

„Гардијан“ посочува дека не може да ја потврди автентичноста на снимките, но според информациите на организацијата Легис, настанот се случил во близина на селото Лојане во близина на границата со Србија, а инцидентите наводно се случиле на 10 февруари.

Невладината организација тврди дека тој ден се случиле два понижувачки инцидента, каде што повеќе од 50 луѓе биле принудени да се соблечат во долна облека пред да бидат вратени во Македонија, од каде илегално влегле во Србија.

Според изјавите на еден од мажите на видеото, за кој е наведено дека е Сириец, ваквите настани станале пракса на границата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.