Во Белград се одржа 22-от протест Србија против насилството, во организација на проевропската опозиција со прошетка и блокада на граѓаните на центарот на градот долж медиумската траса до РТС и до седиштето на Претседатело на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
-По убиството на децата во Рибникар, масовното убиство во Младеновац, крвопролевањето и новиот конфликт на Косово, убиствата на жени во семејно насилство, дивеењето на цените, новото реално шоу… Како се чувствувате, дали сте лути? Сакам поинаква Србија, Србија со која ќе се гордеам, изјави пратеникот на Зелено левиот клуб Радомир Лазовиќ обраќајќи им се на присутните, додавајќи дека „овде сме да ја побараме вашата поддршка, ги натеравме да распишат избори, а сега е време за победа“ по што со розева боја ја обои таблата пред зградата на РТС.
На прашањето дали опозицијата ќе оди заеднички на избори, со една листа, лидерот на Демократската партија (ДС), Драган Лутовац во изјавата за ТВ Н1 која по правило директно ги пренесува протестите, изјави дека во јавноста е претставен рамковен договор и дека сега се работи на конкретизирање на договорот и дека тие ќе разговараат за тоа во следните неколку дена.
Поворката на граѓани од РТС продолжија кон зградата на Претседателството со цел, како што рекоа, да го потсетат српскиот претседател Александар Вучиќ за нивното барање да распише вонредни парламентарни избори и избори во Белград до крајот на годината, како и за неговото ветување дека ќе даде одговор на барањата до крајот на оваа недела.
Во меѓувреме, Вучиќ одговори на барањето на опозицијата и рече дека парламентарните, покраинските, белградските и другите општински избори ќе се одржат заедно и дека може да се одржат и на 17 декември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.