Во пресрет на изборите на 3 април, поштари во Србија доставиле стотици ливчиња за лица кои не живеат на посочени адреси, a кои се повикуваат на гласање. Српската опозиција смета дека тоа укажува на неажурирани избирачки списоци и можност за изборен фалсификат и манипулација. Државната управа повикува сите несоодветни гласачки ливчиња да ги пријават во МВР.

Републичката изборна комисија на 20 март објави дека вкупниот број гласачи во Србија е 6.501.689, законскиот рок за ажурирање на избирачкиот список е 30 март, а Министерството за внатрешни работи, пак, тврди дека не се поднесени пријави.

Опозициската зелено-левичарска коалиција „Морамо“ (Мораме) ги повика сите опозициски партии, потписници на „Договорот за одговорна Србија“, на итен состанок утре поради масовното појавување на позивни ливчиња во поштенските сандачиња во Белград и низ Србија до луѓето кои не живеат на тие адреси.

„Режимот е во паника и се подготвува за изборни манипулации“, наведуваат од коалицијата „Морамо“ и ги повикуваат граѓаните кои добиваат вакви повици на нивните адреси да ги фотографираат.

– Сите нерегуларности во врска со изборите на 3 април во Србија ќе бидат евидентирани и пријавени во ОБСЕ, изјави Билјана Стојковиќ, претседателски кандидат на коалицијата Морамо, обвинувајќи ги владејачките СНС дека „сакаат да го изиграат изборниот процес“ и да ја измамат правдата“.

Коалицијата побара од Министерството за државна управа и локална самоуправа да им овозможи на гласачите директен увид за запишаните на нивните адреси. Ако не го направат тоа, на сите ќе им биде јасно дека се работи за подготовка за изборна кражба“, велат од коалицијата.

На 3 април истовремено ќе се одржат вонредни парламентарни и редовни претседателски избори, како и избори за градската администрација во Белград и неколку општински администрации.

За парламентарните избори пријавени се 19 избирачки листи, а во трката за претседател на Србија ќе има осум кандидати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.