Спасувачите во Словенија денеска успешно ги извлекоа сите петмина кои повеќе од два дена беа заробени во пештерата Крижна јама јужно од Љубљана поради високиот водостој, јави словенечката агенција СТА.
„Спасувачката операција беше можна денеска бидејќи нивото на водата во пештерата падна“, изјави шефот на спелеолошката спасувачка служба Валтер Закрајшек.
Акцијата во која учествуваа шест нуркачи беше завршена околу пладне.
Тричлено семејство и двајца водичи од саботата беа заробени во пештера во југозападна Словенија поради обилните врнежи.
Температурата на водата во пештерата била шест Целзиусови степени со многу слаба видливост.
Спасувачите претходно изјавија дека сите пет лица се чувствуваат добро, и покрај тоа што поминале две ноќи во пештерата.
Словенија е позната по повеќе од 14.000 пештери, а Крижна јама е четвртиот најголем познат подземен екосистем во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.