Србија е единствената земја која припаѓа на процесот на проширување која се нема усогласено со одлуката на Европската унија (ЕУ) за рестриктивни мерки против Иранм јави дописникот на МИА од Белград.

Со оваа одлука на ЕУ, која датира од 27 јуни 2022 година, а која се однесува на измени на списокот на лица и субјекти кои подлежат на рестриктивни мерки, се усогласија сите други земји кои формално се во процесот на пристапување кон ЕУ, соопшти високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Како што наведе, со одлуката се усогласиле и земјите од Западен Балкан, Македонија, Црна Гора и Албанија, а на листата на земји кои се приклучија на оваа одлука се Украина и Република Молдавија, како и Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, кои се членки на Европскиот економски простор.

Борел ја поздрави одлуката и посветеноста на овие земји да ги усогласат нивните национални политики со одлуките на ЕУ.

Како што е наведено во документот на ЕУ, списокот на санкции вклучува лица и правни лица кои учествуваат во нуклеарни активности, одредени функционери на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), како и правни лица кои даваат услуги или се контролирани од ИРГЦ.

Србија неодамна најави зајакнување на соработката со Иран, а овие две земји се обидуваат да ја зголемат трговската размена во услови на светската криза. Во понеделникот, 11 јули, делегации на бизнисмени од двете земји се сретнаа во Белград.

Србија е земја која заедно со Црна Гора се смета за лидер во процесот на пристапување во ЕУ, а земјите кандидати за полноправно членство во ЕУ би требало постепено да се усогласуваат со политиките на Брисел, а пред формалното членство ова усогласување мора да биде целосно.

За разлика од Србија, сите други земји во регионот кои имаат кандидатски статус стопроцентно ја усогласуваат својата надворешна политика со политиките на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.