Српската вицепремиерка и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ денеска изјави дека за Србија е стратешки важно да изгради нафтовод со кој ќе излезе на Медитеранот, односно до пристаништата во Албанија и Грција и да биде транзитна рута кон север, поврзувајќи се со Унгарија, јави дописникот на МИА од Белград.

Стратешки ни е важно да се поврземе преку Ниш и понатаму до Скопје со Солун и со Албанија, што ќе ни овозможи да имаме пристап до разни добавувачи и сите видови нафта и да имаме нафтовод до Унгарија и пристап до руски нафта. Се проценува дека за оваа диверзификација се потребни околу една милијарда евра. Тоа е голема инвестиција, но и дава можност на Србија да биде целосно безбедна кога е во прашање снабдувањето со нафта, но и да биде транзитна рута. Тоа секако би бил меѓународен проект кој не се однесува само на Србија, туку и на други земји од регионот, а за такво нешто има интерес од други земји и меѓународни финансиски институции – изјави Михајловиќ за ТВ Курир, соопштија од ресорното Министерство.

Таа изјави и дека на новата влада најважна ќе и биде енергетиката бидејќи така Србија ќе биде политички посилна да ги спроведе потребните промени.

Во декември, минатата година го отворивме кластерот 4 во преговорите со ЕУ, во кој е вклучена и енергетиката, но оттогаш немаме голем напредок, бидејќи имаме опструкции во „Србијагас“ и во ЕПС, а не успеавме да направиме повеќе и во областа на ОИЕ (Обновливи извори на енергија), бидејќи имаме компании кои не сакаат промени. Затоа е важна новата влада, бидејќи ќе биде политички посилна и ќе може да ги спроведе неопходните чекори во енергетската транзиција. Во енергетиката работите мора да се менуваат многу побрзо бидејќи ова ќе биде најважната област во следните 10 години, изјави Михајловиќ, се наведува во соопштението.

И мандатарката на Владата Ана Брнабиќ, изјави денеска дека „Србија почнува да гради нова енергетска политика“. Таа порача дека тое ќе биде главен приоритет на идната влада и дека енергетиката е „прашање на националната безбедност поради што мораме да ја смениме за да ја направиме Србија енергетски понезависна и побезбедна, а овие работи се менуваат од ден на ден“, наведувајќи го примерот на Хрватска и нафтоводот ЈАНАФ.

Целиот регион би морал подобро да соработува во енергетиката, имаме огромни капацитети кои би можеле да ги искористиме за енергетска безбедност и ќе се обидеме да го направиме тоа заедно со претседателот Вучиќ, бидејќи регионот мора да работи заедно, да биде поврзан и стабилен- рече Брнабиќ.

Опишувајќи како ситуацијата во енергетскиот сектор се менува „од ден на ден“, таа рече дека, доколку не се случеше она што се случи со нафтоводот ЈАНАФ, нафтоводот до Унгарија немаше да биде во експозето што го подготвува, а сега е „стратешки проект кој ќе почне да се работи во најкраток временски период“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.