Полицијата во малиот крајбрежен град Кохасет во близина на Бостон го истражува исчезнувањето на Ана Волш од Белград. Иако се уште се води како исчезната, американските истражители се сомневаат дека нејзиниот сопруг Брајан ја убил на новогодишната ноќ во подрумот на семејната куќа, а потоа ги искористил следните три дена за да го прикрие злосторството. Нејзините соработници го пријавиле нејзиното исчезнување на 4 јануари, поради што полицијата го испрашала нејзиниот 47-годишен сопруг, пишува српски „Курир“.

Многу од неговите изјави се покажале како невистинити, по што беше приведен поради обструкции на полициската истрага, на што тој се изјасни за невин и покрај искажаните лаги со кои се обиде да си обезбеди алиби и да го спречи откривањето на крвта и крвав нож во подрумот. По апсењето на Брајан, полицијата претресла уличен контејнер во близина на куќата во која живее неговата мајка. Таму биле пронајдени неколку кеси за ѓубре со траги од крв, пила, искината ткаенина и употребени средства за чистење.

Канцеларијата на окружниот обвинител во Норфолк соопшти дека собраните докази ќе бидат испратени на тестирање, додека полициски извори за „си-ен-ен“ откриле дека крвта пронајдена во подрумот ќе биде споредена со крвта на синовите на Ана за директен примерок од крвната линија. Тие резултати би можеле да утврдат дали тие примероците се совпаѓаат со крвавиот нож пронајден во подрумот и со дамките од крв во контејнерот. Се сомневаат дека во куќата во моментот на убиството биле и нивните тројца малолетни синови.

Неодамна беа откриени информации кои го префрлија фокусот од потрагата по Ана кон сомнеж дека можеби е убиена. Дополнителен сомнеж дека Брајан е вмешан во нејзиното исчезнување доаѓа и од неговото пребарување на Интернет, каде што пребарувал термини како „како да се ослободите од телото на жена тешка 52 килограми“ и „како да распарчите тело“.

Во понеделникот, кога Брајан пред судот се изјасни за невин, полицијата почна да го пребарува поширокото подрачје на Бостон, вклучително и местото каде што живее неговата мајка, која ја посети еден ден по исчезнувањето на Ана. Тој во полиција изјавил дека последен пат ја видел сопругата на 1 јануари и дека таа му рекла дека мора итно да оди на работа во Вашингтон.

Ана се подготви, ме бакна за збогум и ми рече да се вратам да спијам. Таа обично се возеше со такси до аеродромот или би го поделила возењето со некого, вели тој во изјавата.

Истражителите не пронајдоа докази дека Ана стигнала до автомобилот, а нејзиниот телефон заѕвонил во близина на куќата на 1 и 2 јануари, се вели во изјавата на адвокатката на Комонвелтот, Лин Беланд. Тоа попладне, Брајан Волши ја посетил својата мајка во Свампскот и купувал за неа во локалните маркети Whole Foods and CVS, се вели во изјавата.

Поради претходни пресуди за измама, Брајан Волш бил во домашен притвор и носел детектор на нога, што значи дека морал да добие дозвола да ја напушти куќата за да врши одобрени активности на одредени локации и времиња. Во неделата кога исчезнала неговата сопруга, тој направил неколку недозволени потези. Еден од нив вклучувал купување во Home Depot каде што бил снимен како купува средства за чистење, вклучувајќи крпи, кофа и церади во вредност од 450 долари, кои ги платил во готово. Исто така, во видеото тој носи заштитна маска и ракавици.

Како можен мотив за убиството, американските медиуми ги наведуваат шпекулациите на пријателите и познаниците дека Ана сакала да го остави Брајан и да ги земе децата со себе. Таа веќе една година живее и работи во Вашингтон, додека Брајан е во Кохасет со децата.

Ана сакаше да ги земе децата со себе за да не мора постојано да патува. Можно е Брајан да не го прифатил добро тоа, зошто не смее да патува поради домашниот притвор, рекол изворот.

На суд во понеделникот беше откриено дека Волш имаат три деца, на возраст од 2, 4 и 6 години, кои сега се на Одделот за деца и семејства во Масачусетс. На Брајан му беше одредена кауција од 500.000 долари за обидот за заблуда врз истражителите, а неговото следно сослушување е закажано за 9 февруари. Убиствата без тело стануваат се почести, поради што од местото на злосторството се користи ДНК од крв, плунка или пот за доказ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.