Летовите во Грција денеска ќе бидат прекинати, а бродовите ќе останат закотвени во пристаништата за време на штрајкот поради најсмртоносната железничка несреќа во земјата.
Штрајкот на најголемите синдикати во приватниот и јавниот сектор во Грција, во наредните 24 часа, исто така, се очекува да ги затвори јавните служби и државните училишта и да го наруши градскиот транспорт. Тоа е последен во серијата протести по верижниот судир на патнички и товарен воз во централниот грчки регион Темпa. Во патничкиот воз имаше повеќе од 350 луѓе, главно студенти.
Железничарите организираа континуирани штрајкови.
Штрајкувачите ја обвинуваат конзервативната влада и политичкиот естаблишмент во земјата дека ги игнорираат повиците на синдикатите за дефектните системи за безбедност на железницата.
– Сакаме колективно да го изразиме нашето разочарување од она што не се случило со години, но пред сè сакаме да го изразиме нашиот гнев за она што се случи во Темпа. Нема да дозволиме недостигот на транспарентност, прикривање, негирање на одговорност и какво било одложување да доведе до заборав – се вели во соопштението на синдикатот ГСЕЕ.
Поведена е судска истрага за несреќата.
Несреќата предизвика гнев во јавноста. Минатата недела, десетици илјади луѓе се собраа во Атина и други градови низ Грција на најголемите улични протести со кои се соочи владата од изборите во 2019 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.