Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека побарал од неговите министри да му поднесат извештај за по пет достигнувања кои ги оствариле во нивните ресори во текот на минатите 18 месеци од кога се на власт, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти пред новинарите во Приштина изјави дека барањето им го изнел по завршувањето на денешната владина седница, воедно барајќи од нив извештај и за прашањата во кои имало застои при нивното решавање.

По завршувањето на седницата на Владата побарав од министрите идната недела да изложат по четири или пет нивни достигнувања во текот на едно и пол годишното владеење. Да видиме што постигнале тие ресори, какви лоши работи спречиле – изјави Курти.

На почетокот на денешната владина седница Курти ги наброја работите за кои смета дека ја покажуваат успешноста на неговата влада од доаѓањето на власт пред 18 месеци.

Идната недела се навршува година и половина од нашето демократско и прогресистичко владеење. Пресвртот кој го вршиме во правец на развојот на општеството не може да биде остварлив без владеење на правото, правна безбедност и спроведување на човековите права. Значи, за да ја заживееме вистинската демократска промена, акцентот го ставивме на редот и законот, правната предвидливост и еднаквоста – рече Курти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.