Европската унија мора да одреди датум за новото проширување бидејќи без него никогаш нема да биде подготвена да прими нови членки, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во разговор со новинарите во Брисел.

Мишел оцени дека одредувањето на датумот ќе ја охрабри ЕУ да се подготви, а на земјите од Западен Балкан да им даде конкретен рок за исполнување на нивните обврски, пренесува РТС.

„На тој начин изговорите веќе нема да бидат можни од ниту една страна. Едно е јасно, ако не си поставиме цел, никогаш нема да бидеме подготвени“, рече Мишел.

Во говорот на стратешкиот форум во Блед, Словенија пред неколку дена, Мишел рече дека ЕУ и Западен Балкан треба да бидат подготвени до 2030 година да примат нови членки.

Европската комисија меѓутоа порача дека отсекогаш нагласувала дека приоритет на ЕУ е проширувањето како процес заснован на реформите и заслугите на секој кандидат за членство, а не на датумот на нивниот влез во тој блок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.