Косовскиот министер за заедници и враќање, Ненад Рашиќ изјави дека со формирањето на Заедницата на општините со српско мнозинство ќе се згаснат илегалните структури на Србија на територијата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за косовското радио на српски јазик Радио КИМ, Рашиќ рече дека самиот не го видел нацрт-статутот изготвен од западните дипломати, додавајќи дека Заедницата треба да има соработка со централните институции, особено со премиерот.

Единствениот министер од редовите на српската заедница во Владата на Албин Курти нагласи дека функционирањето на овој механизам може да се врши само според законите на Косово.

Рашиќи изјави дека идната Заедница им се претставува на Србите како нешто големо, но тој не очекува дека ќе биде баш таква.

– Се прикажува како да е некоја институција која ќе ни ги решава сите проблеми, но според мене тоа воопшто не е така… Во моментот кога тоа ќе се случи (кога ќе заживее Заедницата), сите институции, не само некои, туку сите институции финансирани од буџетот на Република Србија, едноставно ќе бидат затворени, изјави Рашиќ.

Тој додаде дека според овој нацрт-статут, кој е објавен во јавноста, предвидена е попрактична програма.

– Структурата ќе се промени и нашите граѓани мора да го сфатат ова. Во моментот кога ќе се одобри ЗСО, ќе исчезнат овие институции што сега ги знаеме дека се под Република Србија, ќе се вградат во оваа друга институција која нема толкав капацитет за да ги прифати сите тие вработени во тој класичен пример, рече Рашиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.