Беспилотните летала „Бајрактар“ наскоро ќе станат дел од вооружените сили, објави на Фејсбук албанскиот премиер Еди Рама споделувајќи видео од беспилотните летала.
Тој притоа нагласи дека тие припаѓаат на „највисока технологија на летање што се користи за воени, полициски и цивилни мисии“.
– Комплетирањето на Албанија со флотата на овие беспилотни летала е од особено значење во однос на нашата национална безбедност и безбедноста на Алијансата, како усогласеност со обврските што произлегуваат од Стратегијата за национална безбедност, воената стратегија и целите на капацитетите на НАТО, напиша Рама и додаде дека неговата земја е посветена на користење на најнапредната технологија во одбраната на нејзината територија.
Албанија е прва земја во регионот која официјално потпиша договор за набавка на беспилотни летала „Бајрактар ТБ2″ од турско производство.
Договорот беше потпишан во декември минатата година, за шест летала, во вредност од осум милиони евра.
Рама тогаш изјави дека беспилотните летала ќе бидат вооружени и подготвени за борба и изрази надеж дека тоа „никогаш нема да се случи“.
Албанската армија ќе ги користи беспилотните летала и за набљудување и извидувачки операции на територија против шверц на дрога, спречување пожари, поплави или каква било терористичка активност.
Компанијата Бајрактар обучи 30 припадници на албанската армија кои ќе бидат задолжени за операции со леталата, кои ќе бидат управувани од воздухопловната база Кучово, 80 километри јужно од Тирана.
Оваа база се реновира за поддршка на операциите за воздушно снабдување на НАТО, за логистичка поддршка на воздухопловната полиција, како и за обука и воени вежби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.