Државното раководство на Република Cеверна Македонија очигледно не е подготвено. Неопходно е познавање на меѓународното право, што очигледно недостига. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да се исполни од сите идни влади, а не да се ревидира, изјави бугарскиот претседател Румен Радев коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека Договорот за добрососедство со Бугарија може да се репреговара. Радев ја даде изјавата по брифинг со бугарски медиуми во Атина, по средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, јави БТА.

Мицкоски вчера изјави дека Преспанскиот договор е реалност и дел од уставниот и правниот поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран, со додадавањето на т.н. „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени, поради што, како што рече, не гледа причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог, што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.

Според Радев, „на властите во Скопје им недостига познавање по уставно право“.

– Моделот на бугарскиот Устав и на оној на Република Cеверна Македонија се многу различни – нивниот ги заштитува колективните права, додека моделот на на нашиот Устав ги почитува индивидуалните права. Очигледно немаат познавања и во однос на европското законодавство за тоа, дека кога има заклучоци на Советот, усвоени со консензус, тие не се објект на пазарења, туку треба да се исполнуваат, рекол Радев.

Тој оценил дека „државниот врв на Република Cеверна Македонија има многу да научи“, додавајќи дека „се подготвени да помагаат и оти отсекогаш помагале на Република Cеверна Македонија на нејзиниот европски пат“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.