Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ изјави дека Фатон Хајризи, осомничениот за убиството на српскиот полицаец и ранувањето на неговиот колега во Лозница, Србија, е убиен денеска по околу 40 часа потрага, откако, според него, пукал во српските полицајци и одбил да се предаде.

Според првите информации кои ги пренесоа српските медиуми, Хајризи се обидел да ја помине Дрина во околината на Лозница и да пребегне во Босна и Херцеговина, но не успеал, па се сокрил во делот на напуштен фабрички комплекс, каде мигрантите кои доаѓаат таму од Прешево во последните години се кријат, чекајќи „врска“ за да избегаат преку Дрина.

Откако Министерството за внатрешни работи на Србија порано објави фотографија од осомничениот, еден од мештаните од областа Лозница пријавил дека видел лице со таков опис. Припадниците на МВР на Србија пристигнале во голем број, го блокирале целиот простор, а потоа го ликвидирале Хајризи.

Хајризи користел пиштол на чија дршка е врежано логото на УЧК.

фото: Курир.рс

Ноќта од среда кон четврток во Лозница е убиен 34-годишниот полицаец Никола Крсмановиќ, а ранет е неговиот 50-годишен колега Вјекослав Илиќ. Нападот се случил при рутинска проверка на таксито во кое се наоѓал Фатон.

Околу еден час по полноќ, Крсмановиќ и Илиќ на контролниот пункт запреле такси, што им изгледало сомнително. Во возилото имало двајца мажи, возачот и сопатникот.

Полицајците сакале да ги идентификуваат мажите, па полицаецот го замолил Фатон да ја покаже својата чанта. Тој одбил, а потоа пукал во полицајците.

На лице место полицијата го пронашла пасошот на осомничениот, издаден од косовските власти на име Артан Хајризи и германска лична карта на исто име.

Меѓутоа, набргу било утврдено дека полицајците всушност биле застрелани од братот на Артан, Фатон, кој неодамна избегал од затвор во Косово, а за време на бегството го користел пасошот на неговиот брат издаден од косовските власти.

Хајризи беше во бегство од 6 јули, кога од слободниот викенд не се врати во затворот Смрековница. Тоа беше негово деветто бегство од затвор, со што стана рекордер во Косово. На социјалните мрежи тој објасни дека мотивот за неговото бегство било злоставувањето кое го претрпел во затвор.

Го напуштив Косово затоа што бев прогонуван. Бев психички малтретиран, не можев повеќе. Нема да се вратам во затвор во оваа држава. Таму страдаат затворениците, не се дава кауција, не се третираат сите исто, изјави Хајризи.

Фатон Хајризи на јавноста ѝ е познат од 2000 година, кога на само 15 години уби руски војник, припадник на КФОР. За тоа убиство е осуден на 27 години затвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.