Глобалната сигурност и новиот светски поредок, декодирање на економијата и кибернетичката сигурност се главните теми кои се дискутираат на конференцијата „Хрватски денови на безбедност 2022“ која се одржува од 28-ми до 30-ти септември во Опатија на која се доделуваат хрватските награди за безбедност. На настанот кој има повеќе од 200 учесници, шестчлената македонска делегација е предводена од проф. д-р Атанас Козарев, претседател на „Асоцијацијата за корпоративна безбедност“ – Скопје.
– За нас како делегација е од особено значење учеството на конференцијата на која во рамките на посебна тркалезна маса посебно внимание ќе биде посветено на дејствувањето на „Асоцијацијата за корпоративна безбедност“ – Скопје. Несомнено е дека во нашата држава има потреба од имплементација како на теоретско, така и на практично ниво на концептот за корпоративна безбедност и затоа нашата асоцијација како претседавач на Асоцијацијата за корпоративна безбедност на Југоисточна Европа за 2022 година е клуч за сигурноста во деловното работење, во промоцијата на деловната позиција – Менаџер за корпоративна безбедност, која навистина е реткост како во големите корпорации, така и кај помалите кај нас – вели проф. д-р Козарев, претседател на „Асоцијацијата за корпоративна безбедност“ – Скопје.
Организаторот и домаќин на настанот се „Хрватската асоцијација на менаџери за безбедност“ кои оваа година слават 15-годишнина и како граѓанска организација во изминатиот период тие ги промовирале интересите на безбедносните менаџери и создавањето партнерски односи меѓу јавноста и приватните безбедносни сектори, економијата и академската заедница.
Претседателот на хрватската асоцијација, Ален Остојиќ, на отворањето на настанот истакна дека безбедноста е изложена на сајбер напади, тероризам, здравствени кризи, прекини во синџирите на снабдување, грабежи, измами, корупција, радикализација и други предизвици и поради тоа стана исклучително важен сегмент, како и на национално така и на локално, но и на корпоративно ниво.
Поради оваа причина, рече тој, отворен е дијалог со Управата на хрватската полиција, а министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ го поддржа формирањето на Комитет за безбедност на бизнис заедницата.
„Во ова време на извонредни превирања, уште поважно е да се здружиме како заедница на безбедносни професионалци за да ги истражиме најновите сознанија и препораки, да споделиме нови идеи и најдобри практики во градењето на корпоративна безбедност“, рече тој.
Конференцијата официјално ја отвори Роберт Копал, специјален советник на премиерот на Република Хрватска за национална безбедност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.