Четврти ден продолжува потрагата и спасувачката акција за пронаоѓање на десет исчезнати патници по пожарот што во петокот наутро избувна на траектот „Euroferry Olympia“, додека од Грција пловеше кон Италија, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми, меѓу исчезнатите се седум бугарски државјани, двајца Грци и еден Турчин, веројатно сите шофери на камиони.
Траектот сè уште не е извлечен на пристаниште, со оглед на тоа дека и понатаму чади.
Во текот на вчерашниот ден беше спасено едно лице и извлечено безживотното тело на еден патник.
По над 50 часа поминати во гаражата на траектот, вчера наутро 21-годишен возач на камион, сам успеа од гаражата да стигне до палубата, од каде што беше преземен од спасувачките екипи, а потоа и превентивно пренесен е во болница.
А во попладневните часови, припадници на противпожарната служба на Грција извлекоа безживотно тело на маж што воедно е и првата жртва од пожарот
Пожарот изби во петокот, по четири часот наутро, од се уште непознати причини, додека италијанскиот траект „Euroferry Olympia“ пловел во морскиот дел североисточно од островот Ерикуса, а тргнал од Игуменица за Бриндизи.
Според официјалниот список, имало 239 патници и 51 член на екипажот, како и автомобили и камиони.
Дополнително произлезе дека меѓу спасените се и две лица, веројатно мигранти кои патувале нелегално, без билет.
Спасени се вкупно 281 лице, десет се водат за исчезнати, а еден патник го загуби животот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.