Портпаролот за надворешна политика на Алтернатива за Германија (АфД), пратеник во Бундестагот, Петр Бистрон, вели дека признавањето на Косово било грешка.

„Признавањето на Косово беше грешка, како и едностраната поддршка на Западот за Приштина“, посочи тој.

Во интервју за „Косово онлајн“, Бистрон го оцени како непримерен обидот на косовскиот премиер Албин Курти да ги прикаже Србите како „вазали на Русија“, а Албанците како жртви, додавајќи дека неговиот „етноцентричен шовинизам“ не треба да се толерира во Европа.

„Тоа одговара на вообичаениот наратив во земјите во кои доминираат САД: секој што ќе се најде на патот на американските интереси веднаш се дискредитира како агент на Москва. Етноцентричниот шовинизам што го практикува Курти не треба да се толерира на европската политичка сцена, а камоли да биде поддржан од која било европска влада“, рече тој.

На прашањето како ќе ја оцени актуелната политичка ситуација на Балканот, тој рече дека неговата партија е крајно загрижена од ескалацијата на насилството.

„Тоа потсетува и на фактот дека и покрај масовното воено присуство на меѓународната заедница, конфликтите меѓу косовските Албанци и Србите не се решени во изминатите 24 години“, вели Бистрон.

На прашањето што ги советува Србите во Косово, тој одговара:

„Советувам воздржаност во протестите и во исто време непопустливост во политичките барања. Тие се во право. НАТО бомбардирањето на Југославија беше неправда. Насилното отцепување на покраината Косово од територијата на Југославија беше неправда. Нешто создадено од неправда не може долго да трае. Останете доследни. Косово е Србија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.