Градоначалникот на Приштина, Прпарим Рама, од пригодна церемонија во седиштето на Европскиот парламент во Брисел, објави дека косовската престолнина е избрана за „Европски град на спортот“ за 2024 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Преку видео пораката што ја објави на неговата страница на Фејсбук, Рама порача дека ова ќе ја направи Приштина дестинација и центар на многу спортски активности кои ќе се одржуваат во текот на 2024 година.
Среќен сум што можам да ја споделам со вас фантастичната вест дека Приштина е прогласена за европски град на спортот за 2024 година! Овој наслов е доказ за нашата непоколеблива посветеност да создадеме град кој негува здрав живот, инклузивност и гостопримство. Нè очекува година полна со спортски настани, ангажман на заедницата и инвестиции во спортската инфраструктура, порача Рама.
Заедно со градоначалникот на Приштина, на пригодната церемонија во седиштето на Европскиот парламент во Брисел присуствуваа и општинскиот директор за спорт, Гранит Ругова и првата скијачка од Косово учесничка на Зимските олимписки игри во Пекинг 2022 година, Киана Криезиу.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.