Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ денеска го распушти Собранието, што е увертира за распишување вонредни парламентарни избори врз основа на спорните измени на Законот за претседател.
Во своите јавни настапи правниците не се договорија дали Ѓукановиќ треба да постапи согласно спорниот закон, чија уставност е под знак прашалник, пренесе Бета.
„Се распушта 27. свикување на Парламентот на Црна Гора. Указот …стапува во сила со денот на неговото усвојување. Оваа уредба ќе биде објавена во Службен весник на Црна Гора“, се наведува во декретот.
Во соопштението на кабинетот на Ѓукановиќ се наведува дека указот е донесен врз основа на член 92 точка 3 од Уставот на Црна Гора.
На 15 март на полноќ истече рокот за формирање на 44-та влада, чиј мандатар беше Миодраг Лекиќ. Според Уставот на Црна Гора, претседателот на државата распишува избори првиот ден по распуштањето на Собранието.
По распуштањето на Собранието, избори може да се одржат најрано за 60, а најдоцна 100 дена. Лекиќ ги известил претседателите на партиите дека нема мнозинство да формира влада бидејќи нема поддршка од четворица пратеници на Движењето на премиерот Дритан Абазовиќ.
Ѓукановиќ претходно изјави дека изборот на Лекиќ е правно проблематичен, но е дел од правниот систем, додека Уставниот суд не го суспендира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.